
Mитко Гогов е роден 11. ноември 1983-та година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата twitter. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, USA, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Автор на стихозбиркие Ледена вода издадена во Србија (2011), во Македонија во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014) и Скриено писмо (Антолог, 2019 година). Добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „Енахалон“ на Струшките вечери на поезијата, наградата „Анџело Ла Векија“ во Сицилија, Италија, наградите на „Поетски литературни искри“, „Поетски слем“ во Прилеп, „Струшки бранувања“ во Струга и многу други.
Претседател на здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, организатор на глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Македонија, претставник на Светската унија на поети и Школата за поезија – Делегација Македонија, еден од основачите на наградите „Антево слово“ и „Антево перо“, уредник на strumicaonline.net и reper.net.mk.
Концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија … Младински работник и граѓански активист. Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.
.брусни патеки
(затоа што нозете по други не знаат да одат)
те барам во сеното како игла,
како мразна полјана
на леден остров кој се топи
на која можам
да поставам поларна мечка
да се чувствува барем уште малку
безбедно.
те барам како одраз во огледалото кое ја
крие мојата старост
како скриен велосипед на таванот
за да ја игнорирам
мојата младост,
те барам како ножот на
соседот кој ни ги дупчеше топките,
како мрежата од кошот
и сакот со кој ловевме риба
по реката која се суши
те барам како конец од манила
откинат од фортуната
што одлета во недоглед
а ние спокојно го собиравме
за да можеме повторно да пуштиме
нова
те барам како тајната симпатија
во лудоста на моето детство,
како брусна хартија со која
ги гланцавме пивските капачиња
да лизгаат полесно по асфалтот
кога игравме
патеки
и ти знам дека изгубена на патеката
бараш нешто
и секогаш би се свртела
да го изговориш моето име
како аманет и заборевена сенка на претците
како доказ дека мојот луденс постои,
да докажеш дека не постои
прескокнат вир кој се обидел да ни наштети
и дека нема човек кој ја преплашил
нашата сегашност
нема неродено дете кое сакало да го скрши
нашето неврамено фамилијарно
О.гледало
– секако ќе не следи седум години несреќа,
ако не и цел живот..
луѓе сме,
затоа и сме паднати
Овде.
Primjedbe
Objavi komentar